Општинарите од Прилеп ги завршуваат започнатите градежни активности на новата општинска зграда и на Меморијалниот комплекс „Карпалак“.
Вработените од прилепската локална самоуправа ги дочекаа велигденските празници во нови работни простории. Некогашниот објект на АРМ е целосно реконструиран и во него ќе бидат сместени сите општински ресори со што ќе се овозможи брза и ефикасна услуга кон граѓаните.
Вкупната вредност на општинскиот објект изнесува 1,8 милиони евра, и тоа 89 милиони денари се инвестирани од општинската каса, додека Владата на Р.М. одвои 20 милиони денари за довршување на градежните активности. Министерството за одбрана и ја додели оваа зграда на Општина Прилеп, а градежните работи започнаа на 1 август 2008 година.
*новата зграда на Општина Прилеп, извор: www.prilep.gov.mk
Паралелно со новата градска куќа, општинските власти деновиве започнаа и со завршните работи околу поставувањето на топката од меморијалниот комплекс „Карпалак“ посветен на загинатите бранители од војната во 2001 година.
Меморијалниот комплекс „Карпалак“ ќе биде составен од 10 столбови што ги симболизираат загинатите резервисти, а на врвот од комплексот ќе биде поставена топка со дијаметар од 3,5 метри изведена од челични прстени со плексиглас. Првичниот проект предвидува и изградба на фонтана.
Спомен – обележјето вредно 1 милион евра започна да се гради на 18 декември минатата година и треба да биде завршено до 8 август 2011 година, на денот кога ќе се одбележи една деценија од загинувањето на прилепските резервисти кај месноста Карпалак.
*изградба на меморијалниот комплекс „Карпалак“, извор: www.prilep.gov.mk
Форумска дискусија за новата административна зграда на Општина Прилеп
Форумска дискусија за Спомен – обележјето за загинатите кај Карпалак
Бојан Блажевски