Со инвестиција вредна 430 илјади евра, Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од денес е збогатен со две нови содржини – лизгалиште за хокеј и уметничко лизгање, како и картинг патека. Лизгалиштето е со димензии 56 х 25 метри и располага со рефлектори и со трибина за 200 гледачи. Поставено е на западниот паркинг на Спортскиот центар. Подлогата е направена од пластични ламинат панели што овозможува негово функционирање во текот на целата година. По потреба ќе можат да се постават и дополнителни монтажни трибини од големата сала или лизгалиштето да се постави внатре во салата. Новата картинг патека, пак, профункционира на јужниот паркинг.
Во рамки на центарот од минатата година е и соседниот постоечки базен „Младост“ кој моментално се реконструира. Според планот тој треба да добие нова фасада и ентериер, обновена летна тераса, како и комплетно нов систем за греење и филтрација на водата. Котларница на гас и нафта во вредност од околу 300 илјади евра, која треба да обезбеди поголема рентабилност во функционирањето на објектот, е добиена како донација од Република Чешка. Реконструкцијата би требало да финишира во текот на летната сезона. Изведувач на работите на надворешноста е фирмата „Градба промет – Алки“, а во внатрешноста „Торус Инженеринг“.
Форумска дискусија за овој проект » овде