Претходна статија
Најавен голем станбен комплекс во Ќерамидница
Следна статија
Удрен камен темелник на Соравиа Ресорт

Потпишан договор за седум мали хидроелектрани

Објавено на 27.11.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Денеска беше потпишан договор за изградба на седум мали хидроелектрани кои одат под концесија на конзорциумот „Мали хидроелектрани“ Доо – Скопје,  составен од Турбоинститут Д.Д – Љубљана, ГД Гранит АД – Скопје, Феро инвест Доо – Велес и Топлификација АД – Скопје. Седумте локации се на Кркљанска река, Крива река, Каменичка река, Брбушница, Кранска река, Брајчинска река и Селечка река.


Вкупниот инсталиран капацитет ќе биде 5,4 MW и се очекува годишно производство од 32,1 GWh. Концесијата се доделува на период од 20 години, а инвестицијата се проценува на 10 милиони евра. Рокот за изградба е три години, односно електраните треба да бидат пуштени во употреба до крајот на 2012. Пред тоа, кон средината на 2012 треба да профункционираат 16 мали хидроелектрани вредни 15 милиони евра, за кои во јули годинава беше потпишан договор со австриската „Energie Zotter Bau“. Според министерот за економија, Фатмир Бесими, предвидени се казни доколку роковите не бидат испочитувани.


Во фаза на подготовка е и четврти меѓународен јавен оглас за изградба на 38 мали хидроелектрани, со вкупен инсталиран капацитет од 20,1 MW и годишно производство од 87 GWh. Во периодот 2006-2008 беа објавени три меѓународни огласи за давање на концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани. Министерството за економија и во наредниот период на секои шест месеци ќе објавува јавни огласи за давање концесија за вода за производство на електрична енергија на по 30 локации.


Плановите се во наредниот период да се изградат вкупно 400 мали хидроелектрани, со вкупна инсталирана моќност од 250 MW и очекувано годишно производство од 1.200 GWh. За споредба, просечното годишно производство на ХЕ Козјак е 150 GWh, а на мавровскиот систем 445 GWh.