Националната галерија на Македонија распиша оглас за изведба на втората фаза од реконструкцијата и конзервацијата на објектот Чифте Амам во Старата скопска чаршија. Со проектот вреден 5,3 милиони денари е предвидено да се санираат оштетувањата од влагата во ентериерот и екстериерот на овој споменик на културата преку третман на фасадата и одредени сегменти од внатрешните простории.
Реконструктивно – конзерваторскиот зафат е предвидено да започне на почетокот од јуни и да трае до почетокот на август. Проектот доби финансиски средства од американската амбасада во текот на октомври минатата година. Претходно, ланските месеци се работеше на изведбата на првата фаза од проектот за заштита на Чифте амамот, со која со 1,8 милиони денари се вршеше санација на покривот, изведба на олуци и дренажен систем, како и пренамена на одредени простории од внатрешноста на објектот.