Градот Скопје денеска го распиша јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување велосипед. Субвенциите се во износ од 50% од средствата на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице. Надоместувањето на делот на трошоците ќе се изврши за оние граѓани што купиле велосипед во периодот од 11 март до 30 јуни годинава. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање субвенција за купување на еден велосипед.
Барателот на субвенциите треба да е жител на некоја од општините на Град Скопје и да нема досега добиено финансиски средства за набавка на велосипед од градските власти. Покрај барањето за субвенција, до архивата на Град Скопје треба да се достават и фотокопија од лична карта, фотокопија од трансакциска сметка, изјава дека барателот досега нема искористено ваква субвенција и доказ дека е извршено купување велосипед (фискална сметка или фактура).