Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во денешното писмо до скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочуваат дека не можат да дадат идеи за преправка на изработениот проект за „зелениот кров“ на ГТЦ. Наместо ова, тие го нудат своето учество во подготовката и организирањето на нов конкурс за избор на решение за последниот кат на Градскиот трговски центар. „Асоцијацијата на архитекти на Македонија стои на располагање да учествува во припремата на проектната документација и организацијата на конкурсот“, се вели во писмото од ААМ.
Архитектите во писмото го повторуваат нивниот став дека ГТЦ и останатите објекти од периодот на Модерната треба да добијат статус на заштитени објекти како културно наследство. „Овие објекти не смее да бидат третирани парцијално туку за нив треба да се изготви целосен проект за реконструкција, која реконструкција во зависност од средствата ќе може фазно да се реализира“, посочуваат од ААМ. Тие дополнуваат дека е крајно неодговорно да се прават интервенции на ГТЦ со дониран проект, кој нема никаква релација со постојната обликовна структура на објектот.
Ваквата реакција на ААМ доаѓа откако градоначалникот Петре Шилегов вети дека ќе биде корегиран изработениот проект за „зелениот кров“ на ГТЦ преку воспоставената соработка со ААМ и со Архитектонскиот факултет. Самиот проект за зазеленување на дел од покривот на ГТЦ предизвика серија од негативни реакции на стручната јавност.