Магистралниот пат од Крива Паланка до Деве Баир на Коридорот 8 ќе се реконструира и надгради со трета коловозна лента најдоцна до април 2021 година. Тендерската постапка за избор на најповолен изведувач што ќе го реализира проектот треба да започне на 11 март, додека постапката за избор на најповолен изведувач ќе се комплетира до крајот на април годинава. Постојниот патен правец во должина од 13 километри целосно ќе се реконструира, што вклучува промена на постојниот асфалт, ќе се реконструираат мостови, а предвидена е и изведба на дополнителна коловозна лента.
Според информациите што ги објавија од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), рокот за изведба на проектот ќе биде две години. Целокупниот проект вреден 12 милиони евра ќе се финансира првенствено со обезбедените средства од ЕБОР, со кој македонската влада во септември 2018 година го склучи договорот за подигање на кредит во висина од 10 милиони евра. Реконструкцијата и проширувањето на патот Крива Паланка – Деве Баир ќе се врши паралелно со изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, чија изведба започна кон крајот на јуни минатата година.