Агенцијата за катастар на недвижности наскоро ќе воспостави и ќе управува со Графички регистар на улици и куќни броеви во македонските општини. Со претстојниот проект ќе се овозможи лесна идентификација на недвижностите според адресата, а самите податоци од овој регистар ќе бидат поврзани со Регистарот на просторни единици и со електронскиот катастар на недвижности (еКат).
„Описните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ги презема по службена должност од Регистарот на имиња на улици и куќни броеви, што се води при Централниот регистар на Република Македонија. Тие ќе бидат ажурирани со теренското прибирање на податоците. Просторните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ќе ги прибира од терен“, се наведува во соопштението на Катастарот.
Агенцијата за катастар на недвижности веќе склучила договори со надворешни изведувачи за теренско прибирање на податоци за улици и куќни броеви во општините Гази Баба, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Шуто Оризари, Бутел, Карпош, Чаир и Сарај. Активностите за прибирање на податоците и фотографирање на објектите веќе се започнати во овие општини.