Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и францускиот амбасадор во Македонија, Кристиан Тимоние на денешната средба се договорија заеднички да ја посетат спортската сала „Партизан“ во населбата Карпош 4, која веќе подолг период зјае напуштена и уништена од вандали. Франција по скопскиот земјотрес ја има донирано спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, која е изградена во 1969 година. „Започнавме иницијатива за спас и обнова на салата „Партизан“, култен спортски центар кој претставува донација од француската влада. Граѓаните беа уплашени дека овој простор може да биде узурпиран со изградба на нови згради, но, нашата заложба е ова место да остане со намена за спорт и рекреација“, истакна градоначалникот Стефан Богоев.
Спортската сала „Партизан“ е еден од најзначајните репрезенти на меѓународната солидарност покажана од државите ширум светот по 1963 година, но воедно во моментов е и еден од ретките напуштени објекти. Градоначалникот Стефан Богоев во изминативе недели веќе разговараше со архитектот на оваа спортска сала Трајко Димитров, се сретна со претставници на меѓународната невладина организација „Културно ехо“, а веќе е поднесена и иницијатива до македонската влада за префрлање во владение на спортската сала „Партизан“ на локалната самоуправа.