Архитектонската фела ќе ја има можноста да учествува во изработката на идеен проект за обнова на шалтер – салата при „Пошта – 2“ што е сместена во рамките на Транспортниот центар – Скопје. „Македонски пошти“ денеска го распишаа огласот за пронаоѓање проектант што ќе го изготви идејното решение врз чија основа ќе се изврши планираната реконструкција. Архитектите ќе имаат должност да осмислат проект што ќе го заштити подперонскиот деловен и административен простор на „Македонски пошти“ од атмосферски влијанија, но без притоа да се наруши нормалното одвивање на железничкиот сообраќај.
Од архитектите се бара да понудат идејно решение што ќе овозможи ново функционално, естетско и техничко – технолошко решение за идниот изглед на шалтер – салата. Идејниот проект треба да овозможи изработка на основен проект со две фази на реализација. Во првичната етапа, „Македонски пошти“ сака да инвестира во целосно спречување на продорот на атмосферски води од пероните на железничката станица, да се изведе спуштен плафон во шалтер – салата, да се изврши реорганизација и ентериерно уредување на просторот.
Во втората фаза е предвидено да се изведе носечка конструкција и нова плоча, со што би се добила спратност во рамките на шалтер – салата. Новопредвидената спратна површина ќе се користи како канцелариски простор поделен на четири океански простории. За изработката на идејниот проект е предвидено да се издвојат околу 210.000 денари од буџетот на „Македонски пошти“. Понудите за изработка на идејните проекти треба да се достават до ова претпријатие најдоцна до 5 февруари.
Транспортниот центар – Скопје, вклучувајќи ја и „Пошта – 2“ во нејзини рамки, се проектирани од јапонскиот архитект Кензо Танге. Овој комплекс во центарот на Скопје е пуштен во употреба во 1981 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk