Општина Гази Баба ги продолжува активностите за довршување на водоводната и канализационата мрежа во новата населба Хиподром 2. Со скопската фирма „АДРА“ е потпишан договорот за довршување на неопходната инфраструктурна мрежа, која што би овозможила вселување на веќе изградените куќи и станбени згради во ова населено место. Од општинскиот буџет за довршување на краците од водоводот и канализацијата во Хиподром 2 се одвоени 17 милиони денари, при што се очекува целокупниот зафат да биде завршен во рок од 1 година.
Изградбата на водоводната и канализационата мрежа ќе овозможи реализација на последната фаза од инвестицискиот циклус, а тоа е изведбата на новопроектирани улици до новите домови во Хиподром 2. На постојната локација веќе се издигнати десетина индивидуални куќи и две колективни згради за домување. Општината забрзано ги продаваше парцелите за изградба на нови објекти уште во 2012 година, но обврската за изградба на инфраструктурата ја одолговлечи. Идната скопска населба е предвидено да има 300 куќи, 12 станбени згради, основно училиште, градинка, амбуланта и спортски објекти.