Претходна статија
Увозот на возила лани ги срушил рекордите за последните пет години
Следна статија
Скопје годинава ќе ја започне изградбата на три нови значајни булевари

„Визер“ со осум нови дестинации од македонските аеродроми

Објавено на 14.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ ќе воведе летови до осум нови дестинации од македонските аеродроми со добиените субвенции од македонската влада за периодот од 2019 до 2022 година. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и комерцијалниот директор на „Визер“ Џорџ Михалопулос денеска го потпишаа договорот за доделување финансиска поддршка за воведување нови летови од аеродромите во Скопје и Охрид. Веќе во март годинава ќе се воспостават авионски летови од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ кон Малме (Шведска) и Милано (Италија). Од 19 март ќе започне да сообраќа и авионската линија од Скопје до Баден Баден (Германија), а ден подоцна и за Бремен (Германија).

 

 

Од почетокот на јули годинава, „Визер“ ќе воспостави уште четири нови дестинации – од Охрид кон Меминген и Дортмунд (Германија) и од Скопје кон Турку (Финска) и Ларнака (Кипар). Оваа авиокомпанија ќе го стационира својот петти авион на аеродромот во Скопје, што ќе овозможи и зголемување на бројот на неделни летови од македонскиот главен град до Гетебург, Хамбург, Келн, Малта и Базел. Со најновата инвестиција на „Визер“ во вредност од 101 милион долари ќе се отворат над 30 нови работни места. Во исто време, унгарците од македонскиот буџет во наредните четири години ќе добијат финансиски средства во износ од 312 милиони денари.

 

„Визер“ е најголемиот авио превозник од Македонија веќе неколку години наназад. Лани над 1,4 милиони патници летале со оваа компанија. Со најновите осум линии, тој ќе лета до 38 дестинации од двата македонски аеродрома. Само во 2019 година, проценките на „Визер“ се дека ќе му понудат на пазарот дестинации со прогнозиран капацитет на авионите од над 1,9 милиони седишта.