Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: „Лимак“ забрзано го гради големиот комплекс „Дајмонд“ кај старата железничка станица
Следна статија
На 19 февруари ќе се одржи „Share Skopje 2019“ во Македонска филхармонија

Ланскиот ноември со двојно зголемен број на предвидени станови за градење

Објавено на 11.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По краткотрајна пауза, инвеститорите повторно се пренасочуваат кон вложување во изградба на нови станбени објекти во земјава. Како што се наведува во последниот извештај на Државниот завод за статистика, македонските општини во ноември 2018 година издале одобренија за градење на 717 нови станови, со вкупна корисна површина од 47.289 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е повеќе од двојно зголемена. Притоа, деловните субјекти успеале да добијат градежни дозволи за 518 станови, додека останатите живеалишта е предвидено да ги градат физички лица.

 

 

Статистичарите пресметале дека ланскиот ноември најмногу одобренија биле издадени за издигнување на двособни (291) и трисобни станови (172). Убедливо најголем интерес за вложување во овој вид недвижности има во Скопскиот регион, каде само во ноември била одобрена изведбата на 514 нови станови. Најмногу живеалишта ќе се градат на територијата на општина Бутел – вкупно 326 станови, а по нив следуваат скопски Карпош со 104 и Охрид со 84 станови.

 

Во ноември 2018 година се издадени 292 одобренија за градење, што е за 27,5% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на идните објекти изнесува 2.942.350 илјади денари, што е за 80,1% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 144 (49,3%) се наменети за објекти од високоградба, 52 (17,8%) за објекти од нискоградба и 96 (32,9%) за објекти за реконструкција. Во 167 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, додека преостанатите 125 објекти ќе ги градат деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk