Покрај изградбата на новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, македонската влада со обезбедените средства од ИПА II претпристапниот фонд на Европската Унија планира да го реконструира во целост постојниот магистрален пат од Куманово до Страцин, во должина од околу 32 километри. Овој патен правец од паневропскиот Коридор 8 е поделен на два сегменти, при што во следните недели е предвидено да се објави тендерска постапка за рехабилитација на првите 15,2 километри. За реализација на претстојниот зафат пред повеќе од десетина месеци е изготвена соодветна проектна документација од Јавното претпријатие за државни патишта.
* Дупките на патот меѓу Куманово и Страцин треба да станат минато со претстојната реконструкција
Првата фаза од рехабилитацијата на патниот правец Куманово – Страцин ќе опфати поставување на нов асфалт на коловозот, санациони работи на шест пропусти и два моста, реконструкциони работи на две клучки, изведба на соодветно осветлување на две клучки и поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација. Реализацијата на овој проект ќе овозможи побезбедно и побрзо патување меѓу Куманово и Крива Паланка, а со тоа и поефикасно патно поврзување меѓу Македонија и Бугарија.