Министерот за здравство Венко Филипче вчера ја посети Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде во моментов се реконструираат сите одделенија. Периодов се работи на санацијата на вториот и на првиот кат од западното крило. На првиот кат се реконструира одделението за урологија, а на вториот кат одделението за дигестивна хирургија. Воедно, во моментов се врши целосна санација на третиот кат од објектот, каде се сместени одделите за детска хирургија и за пластична хирургија. Доградбата предвидува поставување на нов лифт, кој ќе биде поврзан со топол ходник за транспорт на пациенти до одделенијата или операционите сали.
*Извор на фотографии: Влада на Р.М.
Реконструкцијата на комплетниот објект на оваа здравствена установа ќе продолжи и во наредниот период, но во етапи. Болницата „Св. Наум Охридски“ ќе продолжи да работи во намален обем. Станува збор за прв посериозен обем на реконструкција на објектот по повеќе од 80 години од неговото пуштање во употреба. Ова здание од центарот на Скопје е издигнато во 1929 година по проект на хрватскиот архитект Драго Иблер, прогласено е за споменик на културата и во моментов е ставено под заштита од Управата за заштита на културното наследство како знаменит објект на модернистичката архитектура.