Сопственикот на рудникот „Бучим“ во Радовиш преку нивната компанија ДПТУ „Боров дол“ од Радовиш ги започнаа подготвителните активности за овозможување на ископ на бакар на новиот локалитет Боров дол, со кој ќе се продолжи опстојувањето на рудникот „Бучим“. По добивањето на дозвола за експлоатација на руда од новиот локалитет, инвеститорот ги започна работите за вложување на 50 милиони евра во новиот површински коп и пристапен пат. Локалитетот на кој ќе се врши ископување на бакарна руда има плански опфат на површина од 472,38 хектари.
*Локалитетот Боров дол од каде што ќе се ископува бакар за рудникот „Бучим“
Очекувањата се дека новиот површински коп ќе го продолжи животниот век на рудникот „Бучим“ за 10 години, при што преработката на рудата што ќе се вади од локалитетот Боров дол ќе се врши во постојните капацитети на „Бучим“. Инвеститорот планира да се извршат сите подготвителни активности за ископ на руда во период од 12 месеци. Компанијата за реализација на овој проект има изработено Извештај за стратегиска оценка на животната средина и Студија за оцена на влијанието врз животната средина за експлоатација на бакарот од локалитетот Боров дол.