Огромен раст кај бројката на предвидени станови за градење во наредниот период регистрирал Државниот завод за статистика во текот на октомври 2018 година. Дури за 1.591 станови биле издадени одобренија за градење од страна на македонските локални самоуправи во овој месец, при што нивната вкупна корисна површина изнесувала 116.486 метри квадратни. Станува збор за зголемување од 71,3% кај бројот на планирани станови за градење во однос на истиот месец од претходната година. Деловните субјекти се стекнале со градежни дозволи за 1.427 станови, додека преостанатите живеалишта ќе ги градат физички лица.
Статистичките податоци покажуваат дека најмногу одобренија за градење се доделени за изведба на двособни (549) и трисобни станови (479). Како и во сиот изминат период, Скопскиот регион со издадени дозволи за изградба на 1.221 нов стан предничи на ниво на целата земја. Притоа, најмногу станбени единици во Скопје ќе се градат на територијата на општина Центар, која што во октомври издала одобренија за градење на 784 станови со површина од 53.871 метри квадратни. Веднаш по неа, следува општина Аеродром со 408 предвидени станови за градење. Во извештајот на Државниот завод за статистика не е наведено дали станува збор за поголеми градежни проекти што ќе треба во претстојниот период да се реализираат на територијата на овие две општини.
Според информациите објавени од Државниот завод за статистика, во октомври 2018 година се издадени вкупно 276 одобренија за градење, што е 31% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 5.815.745 илјади денари, што е за 45,7% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 158 (57,2%) се наменети за објекти од високоградба, 48 (17,4%) за објекти од нискоградба и 70 (25,4%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 276 објекти, на 157 (56,9%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 119 (43,1%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk