Претходна статија
Нема да се гради катната гаража кај македонското собрание
Следна статија
Власта нема да дозволи изградба на 60 - катници спроти „Холидеј ин“

Трета среќа за субвенциите на нискобуџетните летови

Објавено на 30.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за транспорт и врски денеска го објави третиот по ред јавен повик за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници за воведување на нови летови од македонските аеродроми. Нискобуџетните авиокомпании ќе имаат рок до 21 декември за да достават барање за учество во постапката. Како услов за доделување на субвенциите, авиопревозникот ќе биде обврзан до 26 март 2019 година да воспостави база од најмалку еден авион на еден од двата аеродроми. Воедно, до овој датум ќе треба да започне со оперирање на најмалку две нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, како и да воспостави најмалку четири нови дестинации од охридскиот аеродром, при што првите две треба да бидат ставени во функција до 26 март 2019 година.

 

 

Останатите две авиолинии од аеродромот „Св. Апостол Павле“ треба да се воведат во рок од една година од склучувањето на договорот за субвенционирање. Притоа, летовите од скопскиот аеродром не треба да се совпаѓаат со понудените дестинации од „Св. Апостол Павле“. Секоја нова дестинација треба да биде опслужувана најмалку два пати неделно, при што таа не треба да била опслужувана со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони од двата аеродрома.

 

Субвенционираниот авиопревозник ќе добие еднократна поддршка од 40.000 евра за секоја нова воведена дестинација од македонските аеродроми. Финансиската помош за секоја авиолинија што ќе се отвори од скопскиот аеродром ќе изнесува по 9 евра по патник во заминување во првата година, по 8 евра во втората и по 7 евра во третата година. За воведена нова дестинација од охридскиот аеродром ќе се додели поддршка од 13 евра по патник во заминување во првата година, по 12 евра во втората и по 11 евра во третата година.

 

На јавниот повик можат да учествуваат само оние авиокомпании што оствариле профит од најмалку 25 милиони евра во 2017 година и превезле најмалку 10 милиони патници во минатата година. Најновиот оглас од Министерството за транспорт и врски следува по поништувањето на претходните два повика, поради неисполнување на условите зададени во тендерската документација.