Долгонајавуваните доградби и реконструкции на театарските објекти низ македонските градови ќе се реализираат догодина. Министерот за култура Асаф Адеми денеска најави обнова на дотраените објекти на Центрите за култура во Гостивар, Кочани, Прилеп, како и на кумановскиот театар и на старата зграда на Народно – универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје. Догодина ќе продолжи изградбата на Театарот и библиотеката – Тетово, при што министерот Адеми изјави дека очекува во 2019 година да заврши првата фаза од неговата изградба. Со 810 илјади евра ќе се доврши и реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар во Скопје, кој треба да се пушти во употреба до март 2019 година.
Меѓу вклучените проекти за 2019 година е довршувањето на изведбата на театарската зграда во Струмица, но и реконструкција на постојниот објект на Центарот за култура во Гостивар, со што ќе се создадат услови за отпочнување со работа на новоформираниот театарски ансамбл од овој град. Во 2019 година ќе се реализира доградбата и преуредувањето на прилепскиот Дом на културата, со што театарот од овој град ќе добие сопствени простории за работа. Министерот Асаф Адеми најави дека догодина ќе се реализира реконструкцијата на театарската зграда во Куманово, која што во моментов се наоѓа во многу лоша состојба.
Со пари од државниот буџет догодина ќе се заврши втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Кочани, со што ќе се создадат нормални услови за работа во зградата изградена пред неколку децении. По неколкугодишното одложување, од буџетот на Министерството за култура во 2019 година ќе се издвојат финансиски средства за обнова на кровот на старата зграда од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје, која што предизвикува големи проблеми за нормално функционирање на најзначајната библиотека во земјава. Министерот Адеми најави дека во претстојниот буџет се издвоени 125 милиони денари предвидени за капитални дотации кон македонските општини, кои ќе можат да аплицираат со свои проекти преку објавување на конкурс.