Зимско – рекреативниот центар „Пониква“ годинава ќе ја отвори претстојната скијачка сезона со реконструиран пат. Екипите на косовската фирма „Ескаватори“ го завршија градежниот зафат за рехабилитација и поставување на нов асфалтен слој на патниот правец што води од Кочани до овој рекреативен центар. Коловозот е саниран во должина од 10,4 километри, а реконструиран е и паркингот во рамките на овој зимско – рекреативен центар. Со овој зафат беше рехабилитирана половина од трасата, додека втората фаза од проектот е предвидено да се реализира догодина.
Од буџетот на ЈП за државни патишта за санирањето на патот од Кочани кон Пониква беа издвоени близу 87 милиони денари. Во летниот период се избра изведувачот на проектот, додека градежните работи се изведуваа во текот на есента. Со зафатот се обновија најоштетени делови од патниот правец, со што се создадоа услови за зголемување на бројот на туристи што ќе претстојуваат на овој скијачки центар во претстојната сезона.