Градот Скопје во изминатиов период изгради и реконструираше 7 километри велосипедски патеки по должината на скопските булевари и улици во општините Кисела Вода, Чаир, Центар и Бутел. Покрај поставениот нов асфалт, на влезот и на излезот од крстосниците рабниците се слеани, за да се овозможи непречено движење на велосипедистите. Долж нивните траси е поставена вертикална и хоризонтална сигнализација.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Со зафатот беа опфатени велосипедско-пешачките патеги долж булеварот „Борис Трајковски“ во должина од 3.132 метри, улицата „11 Октомври“ од крстосницата со булевар „Крушевска република“ до Рампа во должина од 1.332 метри, булеварот „Крсте Мисирков“ од крстосницата со булевар „Кузман Јосифовски Питу“ до клучката кај Бит-пазар во должина од 1.704 метри и улицата „Бутелска“ на потегот од улицата „Босна и Херцеговина“ до крстосницата со улицата „Душко Поповиќ“ (620 метри).
Од Градот Скопје информираат дека во тек е изградбата и на велосипедски патеки во општините Аеродром, Карпош и Гази Баба. Во моментов се изведуваат трасите на булеварот „Србија“, „Киро Глигоров“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“.