Претходна статија
Гасоводот Штип - Неготино ќе биде пуштен во употреба во првата половина на 2019
Следна статија
Предавање на Дејан Ивановски на Архитектонскиот факултет при УКИМ

Зградата на Албанскиот театар ќе профункционира до март 2019 година

Објавено на 19.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

За реализација на проектот за реконструкција и санација на објектот на Албанскиот театар во Скопје биле склучени договори во висина од над 656 милиони денари, иако севкупните работи за довршување на проектот не се комплетирани до денес. Работната група формирана од министерот за култура Асаф Адеми ја изработи Анализата на реализацијата на реконструкција на оваа театарска зграда. Анализата покажа неколку проблематични точки, кои допрва ќе треба да ги процесуираат надлежните органи од обвинителството.

 

 

Како што се наведува во објавениот документ, членот 112 од потпишаниот договор меѓу инвеститорот и изведувачот на работите утврдил дека ниту една страна нема право своите обврски да ги пренесе на трета страна без взаемна писмена согласност. Според наодите, оваа одредба била прекршена со склучување на договор на изведувачот со подизведувачот без претходна согласност од нарачателот, како и со продажба на договорот во стечајна постапка врз изведувачот во Италија.

 

Работната група утврдила дека во изминатиов период се склучени 10 анекси кон основниот договор за реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар. Со сите анекси била зголемена вкупната вредност на договорот за над 142 милиони денари (со вклучен ДДВ), што е зголемување на 28,77% на износот од првичниот договор. Во Анализата се вели дека треба да се биде внимателен со довршувањето на реконструктивниот зафат, бидејќи постои лимит од 30% од вредноста на основниот договор што може да се достигне ако се планираат дополнителни 6.094.605 денари за комплетирање на градежно-занаетчиските работи.

 

„Збирната вредност на овие анекс договори и соодветно исплати не смее да премине 30% од сумата која е во основниот договор. Во таков случај неопходно би било објавување на нов повик и склучување на нов основен договор за соодветната работа“ се вели во објавената Анализа. Воедно, на надлежното министерство му се предлага да се утврди оправданоста и причините поради кои доаѓа до работите што се уредени со анексите на основниот договор.

 

Како што најавија од Министерството за култура, реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар ќе продолжи до крајот на годинава. Во март 2019 година треба да се реализира и свеченото отворање на зградата со одигрување на првата претстава во ова здание што се простира на површина од 4.309 метри квадратни.