Претходна статија
Молк околу судбината на повикот за субвенционирање на нискобуџетните летови
Следна статија
Започна изградбата на нова автобуска станица во Куманово

ВМРО-ДПМНЕ бара пари за реновирање на прилепските дуќани, власта вели се работи на проектот

Објавено на 15.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Власта и опозицијата во Прилеп се испокараа околу неодамнешното распределување на средства од Министерството за економија за реновирање на старите градски чаршии низ земјава. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска потсетија дека Прилеп е изоставен од листата на општини во кои државата ќе врши реконструкција на дуќаните во чаршијата. Опозициската партија смета дека недобивањето грант за конзервација, санација и ревитализација на дуќаните од прилепската чаршија ќе биде на штета на сите дуќанџии.

 

*Чаршиите во Прилеп и во Струга останаа надвор од владиниот проект за ревитализација на старите градски чаршии

 

„Жално и срамота е што Општината и Завод и Музеј Прилеп, наместо да го штитат ова подрачје кое подлежи на законска заштита, дозволуваат никнување на диви противзаконски градби, со кои се задоволуваат апетитите за бенефит на политички моќници блиски до СДСМ“ велат од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Од Општина Прилеп излегоа со реакција на ваквите тврдења на опозиција, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ имале можност во текот на нивното 12-годишно владеење да го задржат автентичниот изглед на прилепската чаршија.

 

„Она што опозициската партија, но и граѓаните на општина Прилеп треба да го знаат, е дека актуелната локална власт во соработка со Завод и Музеј Прилеп, го изработуваат основниот проект за подобрување на амбиентот и привлечноста на Старата Чаршија“ посочуваат општинските власти. Тие нагласуваат дека проектот за ревитализација на прилепската чаршија ќе биде реализиран до крајот на мандатот на сегашното општинско раководство.