И покрај тоа што денеска требаше да се отворат доставените понуди за доделување на финансиска помош за авиокомпаниите, од Министерството за транспорт и врски молчат околу судбината на вториот по ред јавен повик за субвенционирање на нискобуџетните летови за периодот 2019-2021 година. „Билд“ денеска достави прашања до надлежното министерство за тоа колку понуди биле доставени и од кои авиокомпании, но на нашите прашања не добивме одговор.
Во меѓувреме, специјализираниот портал Ex-Yu Aviation News денеска објави дека Министерството за транспорт и врски го одложило донесувањето на одлуката за субвенционирање на авиопревозниците, без дополнителни прецизирања за тоа кога ќе се знаат поподробни детали околу ова прашање. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше во Кочани, но при одговарањето на новинарски прашања не ја спомена темата за тоа што се случува со јавниот повик за доделување финансиска поддршка за авиопревозниците.
Јавниот повик од страна на министерството беше објавен кон средината на септември годинава. Идните корисници на субвенциите ќе имаат рок до 10 јануари 2019 година за да воспостават и/или одржат база од најмалку еден авион на еден од двата аеродрома, да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации од „Меѓународниот аеродром Скопје“ и да воведат најмалку четири нови авиолинии од охридскиот аеродром, од кои првите две треба да бидат функционални до 10 јануари 2019 година.
Македонската влада го развлече донесувањето на одлуката за тоа кои авиопревозници ќе добијат субвенции уште во текот на изминатово лето. Првичниот тендер, објавен во текот на јуни, беше поништен од надлежното министерство поради откриените технички пропусти во единствената доставена понуда.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk