Претходна статија
Индустриските зони во Момин Поток и Визбегово ќе добијат водовод
Следна статија
Радовиш го подготвува проектот за гасификација

160 дуќани од македонските чаршии ќе бидат санирани со владини пари

Објавено на 10.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потпиша договори со општините Чаир, Центар, Битола и Охрид за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите на старата чаршија“. Од годинешниов државен буџет се обезбедени 16,5 милиони денари за конзервација, санација и адаптација на излозите, натписите, натстрешниците и ќепенците на дуќаните од чаршиите во Скопје, Битола и Охрид. Претстојните зафати ќе се реализираат врз основа на проектните решенија изработени од скопската фирма „Јорд ДООЕЛ“. 

 

 

„На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации“ изјави министерот Крешник Бектеши. Проектите за ревитализација на старите чаршии во трите града ќе бидат спроведени од страна на општинските власти, кои ќе имаат рок од 1 година за да го комплетираат проектот. Притоа, занаетчиите од чаршиите нема да треба да платат никакви средства за санацијата, бидејќи средствата се обезбедени од државниот буџет.

 

Министерството за економија го започна овој проект во 2015 година, кога најпрво беа уредени излозите на 11 дуќани од Старата скопска чаршија. Имајќи го предвид големиот интерес, веќе во 2016 година проектот беше продолжен со уредување на комплетниот блок 3.2 од чаршијата во Скопје, со што пластичните и алуминиумските излози беа заменети со автентични излози од дрво.