Неколку стотици граѓани денеска попладне го блокираа движењето на возила на булеварот „Јане Сандански“ во знак на револт против уништувањето на последниот зелен простор кај Мајчин дом во скопската населба Аеродром. Граѓаните побараа од градоначалникот на Аеродром Златко Марин да ја спречи изградбата на станбената деветкатница, која што е вцртана на овој јавен простор. Општината на средината на септември го издала одобрението за градење на инвеститорот „ЗСФ КОМ“ од Скопје, а изведувачот вчера вечер го започна оградувањето на парцелата и носењето на градежна механизација.
Градоначалникот Златко Марин на денешната прес – конференција изјави дека ја чека одлуката на Уставниот суд во однос на поднесената претставка за ДУП – от во кој е впишана оваа градежна парцела. Тој тврди дека новиот инвеститор ја купил парцелата за изградба на станбена зграда и за неа платил 2,7 милиони евра, а за да се откаже од градење, тој барал над 8 милиони евра. Спорната парцела е во приватна сопственост, а маркичката за градење на станбена зграда со девет ката за е впишана во урбанистичкиот план од страна на претходното раководство на ВМРО – ДПМНЕ во април 2017 година.
Од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ денеска побараа оставка од градоначалникот Златко Марин поради неисполнетото барање за запирање на градежната експанзија на нови згради на зелените површини во општината. „Цел Аеродром гледа колку си неспособен. Им ветуваше се и сешто на аеродромци само за да ги добиеш нивните гласови, а сега се правдаш дека си немоќен“ велат од ВМРО – ДПМНЕ.
» Форумска дискусија за овој проект