Министерството за образование и наука ја објави тендерска постапка за пронаоѓање изведувач што ќе ја реализира рехабилитацијата на 13 основни и средни училишта низ целата земја. Проектот е предвидено да тежи околу 90 милиони денари и со него ќе се реконструираат различни сегменти од образовните објекти. Тендерската постапка е разделена за секое поединечно училиште, при што заинтересираните компании ќе имаат рок до 17 октомври за да ги достават своите понуди. Ова е трет тендер за реализација на овој проект, откако надлежното министерство во изминатава година поништи два претходни повици.
Со распишаниот тендер е предвидено да се рехабилитираат објектите на следниве училишта: ОУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, ОУ „Тошо Арсов“ од Штип, ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари, ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, ОУ „Васил Главинов“ од Чаир, ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово, ОУ „Перпарими“ од Чегране, ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел, ОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Бутел, ОУ „Кузман Шапкарев“ од Драчево, ОУ „Никола Карев“ од Пробиштип и ОУ „Јероним Де Рада“ од Черкезе.