По првичниот неуспешен обид, Општина Прилеп го објави вториот по ред Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција, доградба и пренамена на дел од просториите од домот на културата „Марко Цепенков“ за потребите на театарот во Прилеп. Постојното здание во центарот на Прилеп ќе треба да се адаптира, во функција на обезбедување на голема театарска сала со капацитет од 350 до 400 седишта и мала сала што би можела да прими 90 гледачи.
*Извор на фотографија: Општина Прилеп
На архитектонскиот конкурс е предвидено да се доделат три награди, и тоа прва награда од 100.000 денари, втора награда од 60.000 денари и трета награда од 30.000 денари. Пристигнатите трудови ќе ги оценува жири комисија во состав: Милан Јованоски, Марија Јанкулоска, Мирољуб Чорбиќ, Менче Караџоска, Катица Димовска Талеска, Илија Беличоски и Благоја Богоески. Заинтересираните архитекти и бироа треба да ги достават своите трудови најдоцна до 2 ноември.