Турскиот холдинг „Лимак“ денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на просторот околу Старата железничка станица во Скопје. На овој простор треба да никне голем мултифункционален комплекс кој ќе се состои од деловно-резиденцијални единици, хотелски комплекс и трговски центар. Обезбедени се сите неопходни дозволи за градба, завршени се подготвителните активности на проектот, како и активностите во координација со Градот Скопје, општина Центар и останатите државни институции.
Како дел од проектот, под комплексот ќе се изведе и подземен булевар со 6 коловозни ленти во должина од 800 метри, со што практично почнува и изградбата на првата делница од долгонајавуваниот „Јужен Булевар“ кој е предвиден како експресна денивелирана сообраќајница со голем капацитет, по целата должина на Скопје, од Сарај до Драчево. Обврската за изградба на тунелот „Лимак“ ја презеде во 2012 година, со самото купување на земјиштето.
Проектот опфаќа простор од 325.000 метри квдратни, а инвестицијата е во висина од 250 милиони евра. Рокот за изградба на подземната сообраќајница е 22 месеци, а целиот комплекс треба да биде готов за 40 месеци.
На настанот присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој истакна дека реализацијата на овој проект ќе го промени Скопје на подобро, од повеќе аспекти. „Потврда на нашите нови, активни и ефикасни политики и политиките на доверба што се наша водилка во соработката, е и стартот на работите на овој мега проект на една реномирана странска компанија каква што е Лимак Холдинг“, рече Заев.
Обраќање имаше и Сердар Баџаксиз, потпретседател во „Лимак Инвестиции“ кој изјави: „Јас сум сигурен дека „Дајмонд Скопје“ ќе биде новиот центар на градот од сите аспекти, било да се работи за бизнис, за социјализација или за културни настани. Целиот комплекс се надеваме дека ќе донесе нови бизниси, инвеститори и потрошувачи од целиот свет, со што дополнително ќе ги отвориме портите на Македонија кон светот.“
» Форумска дискусија за комплексот на „Лимак“
» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје