Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на МЕПСО Сашо Василевски денеска извршија увид во модернизацијата на трансформаторската станица „Дуброво“. Проектот вреден 4,6 милиони евра е овозможен со обезбедените средства од МЕПСО, Европската банка за обнова и развој и неповратни средства од Европската Комисија. Со проектот се врши замена на примарната опрема, како и ревитализација на секундарната опрема. Рокот за реализација на овој проект е три години. Новата опрема претставува прв инвестициски потфат од ваков обем од пуштањето во употреба на трафостаницата во 1977 година.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
„Станува збор за комплексен проект кој го означува почетокот на голем инвестициски циклус во електроенергетскиот сектор во вредност од преку 70 милиони евра. Со сите овие планирани инвестиции ќе овозможиме стабилен енергетски сектор во Република Македонија“ изјави министерот Сугарески. Трансформаторската станица „Дуброво“ е еден од најзначајните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем, која го поврзува РЕК „Битола“ со Скопје, но и со 400 киловолтните интерконективни далекуводи меѓу Македонија и Грција. Модернизацијата на трафостаницата ќе ја врши конзорциумот „Сименс“ од Србија и „Сискон“ од Македонија.