Македонските архитекти вложуваат многу време и знаење за изработка на проектите, а на крајот инвеститорите и изведувачите реализираат објекти што не секогаш ја следат изготвената документација од авторите што биле ангажирани од нивна страна. Како резултат на тоа, во нашите градови неретко се изведуваат објекти изработени од поевтини материјали, со проекти што се менуваат во текот на нивната изградба, а архитектите остануваат потпишани како автори на згради чија материјална реализација не соодветствува со она што е направено од нивна страна во проектот. Ваквата состојба дополнително ги демотивира архитектите, коишто се соочуваат со пазар што финансиски го обезвреднува архитектонскиот труд.
Ваквите ставови на архитектите беа изнесени на вчерашната дебата со наслов „Проект I реализација“, која што се одржа во Музејот на современа уметност. Професорот Горан Мицковски од Архитектонскиот факултет при УКИМ нагласи дека постојат позитивни и негативни примери на реализирани проекти, во кои самиот бил сведок како се испочитува, односно се ништи, вложеното знаење на архитектот. „Трошиме многу енергија во проектирањето, многу се вложуваме, а на крај се случува да не можеме да се пофалиме со тоа што го работиме“ изјави професорот Мицковски.
Како негативен пример, тој ја посочи реализацијата на новата административна зграда на општина Карпош. Нивниот проект, изработен од архитектонските студија „СКАрС“ и „Архитектри“, ја добил првата награда на распишаниот архитектонски Конкурс. „Сметавме дека сме го довеле проектот во ситуацијата да биде изграден речиси така како што беше замислен“ изјави професорот Мицковски. Меѓусебната комуникација со инвеститорот се одвивала во најдобар ред до моментот на изведбата на фасадата, кога општината и изведувачот се одлучиле да изведат фасадата што воопшто не била во согласност со изготвениот проект. „Ние бевме многу ентузијастични и наеднаш сакаш да те снема, да заборавиш дека имаш било каква врска со тоа“ истакна тој.
Професорот Мицковски појасни дека донекаде ги разбира инвеститорите бидејќи дел од нив имале лошо искуство со одредени архитекти. Во некои проекти недостигаат информации и самиот документ може да се случи да не е добро изработен. Сепак, изгубената доверба кај некои поединци не значи дека архитектонската професија треба да се девалвира. Дека не е сè така црно, тој го посочи и позитивниот пример со општина Пробиштип во однос на изградбата на новиот градски пазар за земјоделски производи. Проектираниот објект од негова страна и од бирото „ТАГОРА“ на почетокот излегол премногу скап за реализација, но општинските власти побарале да се направи негова рационализација и го извеле во просторот онака како што било замислено од архитектите. Тој посочи дека процесот се одвивал во позитивна атмосфера и разбирање во односот меѓу авторот и инвеститорот.
На неговото излагање, во дебатата се надоврза архитектот Александар Наумчевски, којшто го акцентираше проблемот со неискреноста на инвеститорите во однос на буџетот што го имаат на располагање при самиот почеток на изработка на проектот. „Инвеститорите во најголем број случаи го сфаќаат како навреда моментот кога архитектот ќе ги праша за тоа колкав им е буџетот за проектот. Поретки се случаите каде што се искрени и каде што се знае со која сума се располага“ изјави архитектот Александар Наумчевски. Токму ваквата негативност, вели тој, ги создава проблемите на самиот старт, кога всушност архитектите врз дадените параметри можат да влијаат врз изработениот проект на начин што би бил реално поставен за изведба во фазата на градење.
Архитектот Наумчевски го посочи примерот со изработениот негов проект за катната гаража кај НУБ „Св. Климент Охридски“ во центарот на Скопје, каде што инвеститорот ја променил претходно испроектираната фасада од неговото архитектонско биро. „Ние имавме контакти со клиентот сè до изработка и предавање на основниот проект и добивање на одобрение за градење. Откога почна изградбата на објектот, немавме веќе контакти“ изјави тој. Фасадата на објектот била комплетно видоизменета, посочи архитектот Наумчевски.
Архитектката Љубица Будимовска од бирото „ТАГОРА“ презентираше неколку негативни примери од своето досегашно искуство, во кои инвеститорот извршил промена на проектот во текот на изведба на самиот објект. „Генерално заклучокот е дека најголемиот дел од објектите претрпуваат промени од волјата на инвеститорот. Тој тргнува со многу убава и скапа идеја на почетокот, сè додека не дојде до изведба на карабина и додека не сфати дека за тоа што го сака нема средства“ посочи таа. Сепак, таа нагласи дека постојат случаи, како што е примерот со Музејот на ретки минерали во Пробиштип, каде што самите изведувачи барале од нив како проектанти да го упростат проектот за да можат тие да го изведат објектот според понудената пониска цена на тендерот на којшто биле избрани за изведувачи.
Архитектите на вчерашната дебата се сложија дека со ваквиот начин на менување на проектите не може да се востанови култура на градење во Македонија. Како резултат на тоа, урбаниот пејсаж во нашите градови се влошува и постанува евтин, исто како и некои изведени објекти. Од друга страна, архитектонската фела низ разговорот се сложи дека авторите на проектите никогаш не биле храбри за да покренат тужба против инвеститорот или изведувачот на објектот, или, пак, да побараат да му се одземе лиценцата за работа на надзорот што не го испочитувал изработениот проект. Ниту еден од архитектите што ги презентираа своите негативни случаи не посочи дека одбил да ја потпише изјавата заверена на нотар за согласност со направените измени во проектот. Учесниците на вчерашната дебата, одржана во рамките на овогодинешното Биенале на архитектурата, се согласија дека единствена шанса за да се изврши влијание врз инвеститорот и изведувачот е токму моментот кога ќе се дојде до потпишување на изјавата заверена на нотар.
Од организираниот разговор произлезе заклучокот дека не секогаш се почитува актуелната законска легислатива, во која е наведено дека проектот за објектот во градба не смее да се менува без одобрение на проектантот. „Проектот е правен документ“ изјави професорот Горан Мицковски. Сепак, настрана од законското регулирање на материјата, посочи тој, архитектите на подолг рок ја имаат најголемата одговорност при изведбата на објектите, доколку во иднина се случи некоја несреќа. Тој упати апел до останатите колеги од неговата професија да размислат за воведување на нови алатки што би имале заштитна функција во полза на самиот труд на архитектите. Двојната ревизија на проектите е само една алатка што би можела да се примени во Македонија.
На вчерашната дебата се одржа и предавање за присутните архитекти на тема „Осигурување на проектанти. Осигурување објекти во градба“, што ја одржа Цветко Делев, помошник директор за осигурување имот и транспорт при АД за осигурување ЕУРОЛИНК од Скопје.