Претходна статија
Во Гостивар се враќа зонското паркирање
Следна статија
Започна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ во Влае

Владата отвора можност за влез на нови нискобуџетни авиокомпании

Објавено на 13.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за транспорт и врски денеска го објави вториот по ред јавен повик за доделување на финансиска поддршка на авиопревозниците. Владата со новиот повик ги намали обврските што треба да ги исполнат авиокомпаниите, со што се отвора простор за влез на нови превозници што ќе воведат дополнителни нискобуџетни летови од двата аеродрома. Па така, заинтересираните превозници ќе имаат рок до 10 јануари 2019 година да воспостават и/или одржат база од најмалку еден авион на еден од двата аеродрома, да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации на „Меѓународниот аеродром Скопје“ и да воведат најмалку четири нови авиолинии од охридскиот аеродром, од кои првите две треба да бидат функционални до 10 јануари 2019 година.

 

 

Новите летови што ќе се воведат од двата аеродрома ќе треба да се одржуваат најмалку два пати неделно. Притоа, понудените нови дестинации од двата аеродрома не треба да се совпаѓаат едни со други, но и самата авиолинија да не била претходно опслужувана во последните две сезони. Владата ќе додели 40.000 евра финансиска поддршка за секоја нова авиолинија воведена од македонските аеродроми. Воедно, за секоја нова дестинација од Скопје ќе се доделат по 9 евра од патник во заминување во првата година од договорот, по 8 евра во втората и по 7 евра во третата година. Ваквите субвенции од охридскиот аеродром ќе изнесуваат по 13 евра по патник во заминување во првата година, по 12 евра во втората и по 11 евра во третата.

 

Финансиската поддршка на нискобуџетните авиокомпании ќе се додели врз основа на тоа која од нив ќе понуди најголем број на летови од двата аеродрома. Заинтересираните авиопревозници ќе имаат рок до 12 октомври за да ги достават барањата за добивање на субвенции. Од државниот буџет за оваа намена ќе се издвојат 312,4 милиони денари во периодот од почетокот на 2019 година до крајот на 2021 година.

 

Повторениот јавен повик следува откако владата на почетокот од август годинава ја поништи првата постапка, на која со своја понуда учествуваше само една авиокомпанија. Причина за поништување на постапката се осознаените технички пропусти во доставената понуда.