Јавното претпријатие за државни патишта распиша тендер за избор на изведувач што ќе ја гради делницата од Старо до Ново Коњарево од државниот пат Р1402 во струмичката општина Ново Село. Станува збор за делница во должина од 3,4 километри, со која населеното место Куклиш би се споило со Ново Коњарево. Од буџетот на јавното претпријатие е проценето дека ќе се издвојат околу 82 милиони денари за реализација на овој проект. Изградбата на овој патен правец се ветува со години наназад, а последното ветување за остварување на инвестицијата беше дадено во 2015 година.
Заинтересираните градежни компании имаат рок до 19 октомври за да ги достават понудите за учество на електронското јавно наддавање. Изведувачот треба да ја изгради патната делница во период од 40 месеци.