Во тек е изработката на основниот и сообраќајниот проект за изградба на новата сообраќајница меѓу населбите Аеродром и Ќерамидница. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин вчера изјавија дека новиот мост на реката Вардар кај спортскиот центар „Јане Сандански“ наскоро ќе почне да се гради, а е предвидено да биде завршен за две години. Со новиот булевар во значителна мерка ќе се намали сообраќајниот метеж кај Железничката станица, така што ќе се создаде алтернативна траса по која побрзо ќе се стигнува со автомобил и велосипед од Скопскиот Саем кон општина Аеродром. Градските власти по должината на оваа траса планираат да воведат и нови автобуски линии.
Новата скопска сообраќајница ќе се состои од мост на реката Вардар со должина од 120 метри, пробивање на нов булевар и реконструкција на постојниот со должина од 2.170 метри, којшто ќе има шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки и дрвореди. Проектот ќе чини од 7,5 до 8 милиони евра, а за изработка на неопходната документација беше распишан тендер кон крајот на мај годинава.