Претходна статија
Растат трошоците за изградба на куќа
Следна статија
Стопанствениците од Македонија и Косово бараат завршување на автопатот Скопје - Приштина

Екологистите и власта не се договорија околу гасоводот на Водно

Објавено на 03.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Граѓанските организации не отстапуваат од барањето за прекин на изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар преку постојната траса што минува низ Парк – шумата „Водно“. Екологистите побараа од владата да се избере алтернативна траса на потегот од Арачиново до планината Жеден, која би минувала низ Скопска Црна Гора. Наместо да се сече шума, еколозите денеска побараа од владата да се изгради магистрален гасовод што ќе минува низ земјоделско земјиште и пасишта.

 

Наспроти еколозите и граѓанските организации, на денешната дебата во Советот на град Скопје се појавија и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи. „Нашите намери се транспарентни и немаме што да криеме од јавноста. Затоа сме денеска тука на оваа дебата која е отворена за јавноста“ изјави градоначалникот Шилегов. Тој вети дека наскоро ќе се организира уште дебата меѓу двете страни за да се слушнат издржани аргументи во врска со овој проект.

 

 

Министерот Горан Сугарески напомена дека се направени измени во проектот, со кои наместо 3.000 метри кубни дрвја ќе се исечат околу 1.400 метри кубни. Густата шума на Водно ќе се избегне со новоизбраната траса и повторно го спомена фактот дека ќе се засадат за пет пати повеќе дрвја отколку што ќе се исечат, и тоа токму на поширокото подрачје на планината Водно. Само за пошумување, одвоени се 43 милиони денари во рамките на проектот за изградбата на 76 километри долгиот гасовод меѓу Скопје и Гостивар.

 

Опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ денеска реагираше дека организираната дебата била само блед обид да се затскрие обидот за газење со багер на граѓаните што протестирале на Водно. Од власта, пак, денеска соопштија дека се потрошени 10 милиони евра во изградбата на овој проект, што е речиси половина од вкупната издвоена сума за гасоводот – околу 28 милиони евра. Оттука, откажувањето од постојната траса на гасоводот е целосно неисплатлива опција.