Претходна статија
Распишан тендер за набавка на автобуси за прилепскиот јавен превоз
Следна статија
Растат трошоците за изградба на куќа

Владата ќе го проучува потенцијалот за изведба на планински велосипедски патеки во Македонија

Објавено на 02.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Планинскиот туризам и велосипедизмот во Македонија ќе се развиваат со изведба на планински велосипедски патеки. Ваквата идеја е планирано да се развие во конкретно решение од Министерството за економија. Денеска е објавен огласот за изработка на студија што ќе го утврди потенцијалот за изведба и создавање на планински велосипедски патеки на целата територија на Македонија. Студијата ќе оформи листа од минимум 10 вакви патеки што би се реализирале во 8 планински региони на земјава, како и дополнителна листа од 5 патеки што имаат потенцијал за проширување и доопремување.

 

 

„Реализацијата на овој проект ќе го реши постоечкиот проблем на недоволна, неорганизирана и несоодветна на потенцијалите туристичка понуда во нашата земја за овој вид на туризам кој е во се поголем подем во светот“ се нагласува во објавениот оглас на Министерството за економија. Идната студија ќе ги сублимира сите постоечки велосипедски патеки на македонските планини и ќе го предвиди потенцијалот за развој на нови. Документот ќе треба да се подготви во соработка со Агенцијата за туризам, Агенцијата за рурален развој и Федерацијата на планинарски спортови.

 

Изработката на документот е проценето дека ќе чини околу 500.000 денари. Заинтересираните компании за изработка на студијата ќе треба да ги достават своите понуди до надлежното министерство најдоцна до 11 септември. Студијата за развој на планинските велосипедски патеки ќе треба да се изработи во рок од 60 дена по потпишувањето на договорот со најповолниот понудувач.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk