ЈП за ПУП – Прилеп го поништи архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција, доградба и пренамена на дел од домот на културата „Марко Цепенков“ во центарот на Прилеп. „Не е поднесена ниту една прифатлива понуда“ е краткото образложение објавено од прилепското јавно претпријатие во однос на поништувањето на постапката. Конкурсот имаше за цел да обезбеди адекватен театарски простор за прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, кој во иднина би имал голема театарска сала со капацитет од 350 до 400 седишта и мала сала што може да прими до 90 гледачи.
*Извор на фотографија: Општина Прилеп
Атрактивниот објект во централното градско подрачје на Прилеп требаше да добие одделни влезови за публиката и за вработените, додека во внатрешноста на постојниот објект требаше да се испроектираат околу 3.800 метри квадратни простории. По ваквиот исход од првичниот обид, Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Прилеп ќе треба да објави повторен повик до архитектите за доставување на идејни решенија за реализација на планираниот зафат.