Министерството за финансии ќе склучи договор со Светската банка за обезбедување заем во висина од 28,7 милиони евра за изградба и реконструкција на детските градинки низ земјава и за унапредување на социјалните услуги. Предложениот закон со кој ќе се овозможи финансирање на Проектот за унапредување на социјалните услуги вчера влезе во собраниска процедура и истиот беше образложен од министерот за финансии Драган Тевдовски. Договорот би бил склучен со Светската банка до крајот на годинава, по што за овие средства ќе можат да аплицираат општините при изградба и реконструкција на детските градинки низ земјава.
„Проектот опфаќа проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитание преку изградба на нови објекти и пренамена или надградба на постоечката инфраструктура на предучилишни институции“ изјави министерот Драган Тевдовски. Главната цел на македонската влада е со проектот да се надмине постоечката пренатрупаност на детските градинки низ земјава, каде во некои општини се запишуваат и по тројно повеќе дечиња во однос на капацитетите што ги нудат постојните објекти. Воедно, со проектот ќе се овозможи зголемување на процентот на деца што посетуваат предучилишни институции на ниво на нашата земја.