Македонската влада ја донесе Уредбата за начинот и поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување средства потребни за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај. Во најскоро време ќе биде формирана Комисија за спроведување на постапката за доделување на финансиска помош, по што ќе се објави новиот Јавен повик за субвенционирање на нискобуџетни летови од македонските аеродроми. Програмата ќе започне да се применува од 1 јануари 2019 година и ќе трае до 31 декември 2021 година.
Извршната власт во новиот тендер ќе ги олесни процедурите за добивање на финансиска помош, па така од идните нискобуџетни авиопревозници ќе бара да воспостават само една база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром за периодот во кој се доделуваат субвенциите. Наспроти ваквиот иден критериум, владата досега бараше од превозниците да воспостават две бази, по една на секој од аеродромите во земјава. Дополнително, авиокомпаниите ќе имаат обврска до 10 јануари 2019 година да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје, но и да воведат најмалку четири нови линии од охридскиот аеродром.
Министерството за транспорт и врски на почетокот од август годинава го поништи првичниот Јавен повик за доделување на финансиска поддршка на авиопревозниците во наредните три години. Образложението беше дека имало технички пропусти во единствената понуда доставена од „Визер“.