На неколку локации во Скопје наскоро ќе се создадат услови за одржување на изложби на отворено. Градските власти во наредните два месеци ќе ги набават монтажно-демонтажните елементи за организирање на ваков вид културни настани во Скопје. Урбаната опрема е во вредност од 1,2 милиони денари, а ќе ја испорача фирмата „Т33 Креатив енд ко“ од Скопје. Изложбените елементи ќе се направат врз основа на идејното решение на Македонка Тошевска, чиј труд беше избран за најдобар на организираниот Конкурс од страна на Град Скопје.
На јавните површини во главниот град ќе се постават подвижни преградни ѕидови, постаменти за скулптури и дрвени штафелаи. Покрај тоа што ќе се облагороди дел од просторот наменет на граѓаните, градските власти сметаат дека проектот ќе им обезбеди промоција на творечките дела на ликовните уметници и аматерите преку организирање изложби.