Претходна статија
Енергетско ефикасни фасади ќе добијат средните училишта „Цветан Димов“ и „Марија Кири Склодовска“
Следна статија
Стартува реконструкцијата и проширувањето на Западниот булевар во Кавадарци

Владата и опозицијата се скараа за евтините летови од аеродромите

Објавено на 14.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ почнала да ги откажува своите дестинации од македонските аеродроми поради неспособноста на владата предводена од СДСМ. Опозицијата реагира дека граѓаните од оваа есен можат да се збогуваат со евтините летови во странство поради поништената постапка за субвенционирање на евтини летови. „Смешни се оправдувањата на Сугарески дека тендерот е прекинат заради тоа што одозгора на пликоата во кои што била целосната документација за тендерите, не било напишано целото име и адреса на компанијата“ вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

 

На ваквите обвинувања, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговори дека мора да се почитуваат законите и процедурите до последната точка. Во однос на поништувањето на јавниот повик за субвенции, министерот Сугарески напомена дека единственото барање за финансиска поддршка било доставено без да се наведе полниот назив и адреса на авиопревозникот на трите запечатени внатрешни пликоа. Министерството за транспорт и врски донело одлука да го поништи повикот врз основа на непочитување на еден од условите пропишани во распишаниот јавен повик.

 

„Најодговорно тврдам дека евтини летови ќе има и понатаму“ изјави министерот Сугарески. Тој напомена дека во најскоро време ќе биде распишан новиот јавен повик за доделување на нови тригодишни субвенции за периодот 2018 – 2021 година. Како и во минатите години, авиосообраќајот во земјава и годинава забележува значаен пораст. Според податоците на Државниот завод за статистика, само во првите шест месеци од двата аеродроми се превезени 1.036.879 патници. На скопскиот аеродром во периодот јануари – јуни 2018 година се регистрирани рекордни 973.723 патници, додека услугите на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ги користеле 63.156 патници.