Почнувајќи од крајот на октомври годинава, унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ ќе ги укине летовите од Скопје за Барселона и од Охрид за Лондон. Ваквиот чекор следува по додавањето на нова авионска линија од Приштина за Лондон, која што ќе започне да сообраќа претстојнава есен. Станува збор за три укинати дестинации од списокот на „Визер“ во период од неколку дена, земајќи го предвид фактот дека по 16 септември се укинуваат и летовите од Скопје кон шведскиот град Ваксјо.
Од „Визер“ попладнево со соопштение објаснуваат дека летовите од Скопје до Барселона и Ваксјо се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона. Тие посочуваат дека авикомпанијата наскоро ќе го објави летниот распоред за летање за 2019 година. Ваквиот потег на „Визер“ следува само неколку дена по поништувањето на постапката за субвенционирање на нискобуџетни летови од страна на Министерството за транспорт и врски.
Од надлежното министерство денеска ја смируваат топката. Тие велат дека има средства од државниот буџет за субвенции за нискобуџетните летови. Во најскоро време ќе се објави вториот по ред јавен повик за доделување на нови тригодишни субвенции за периодот 2018 – 2021 година. Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека е неопходно да се достават уредно и целосно пополнети пријави на распишаниот повик од страна на нискобуџетните авиокомпании. „Согласно со својата деловна политика, секоја авиокомпанија самостојно одлучува за релациите на кои ќе сообраќа“ соопштуваат од ова министерство.