Опожарениот објект на градинката „8 Април“ за неколку месеци ќе биде заменет со нова детска градинка во скопската општина Шуто Оризари. Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ја започна изградбата на објектот со површина од 1.500 метри квадратни. Градинката ќе има капацитет да згрижи 140 дечиња, а вредноста на инвестицијата е 700.000 долари, обезбедени од Владата на Кралството Норвешка.
Новата детска градинка во Шуто Оризари ќе го реши проблемот со недостиг на ваква установа на територијата на оваа општина. Рокот за завршување на изградбата на овој објект е март 2019 година. Целиот проект се реализира во партнерство со Општина Шуто Оризари и Министерството за труд и социјална политика.
Општинските власти информираат дека е неопходна помош за реализација на втората фаза од овој проект, со кој би се изградиле дополнителни 800 метри квадратни од оваа детска градинка.