Општина Гази Баба го започна проектот за реконструкција и доградба на плоштадот „Коцка“ во населбата Автокоманда. Јавниот простор со површина од 2.300 метри квадратни ќе се изведува во три фази. Активностите од првата етапа се веќе при крај. Поставено е ново економично осветлување, изградени се пристапни рампи за лица со инвалидитет и во моментов се изведува новата пристапна платформа која ќе го поврзе плоштадот со Домот на културата. Првата фаза од проектот ќе се финализира со поставување на урбана опрема.
Во втората етапа на овој плоштад ќе се изгради детско игралиште, додека за последната фаза е предвидено да се уреди паркинг простор за потребите на станарите и сопствениците на дуќаните од околните објекти. Општинските власти информираат дека со проектот ќе се овозможи овој плоштад да прерасне од празен и монотон простор во мултифункционално катче наменето за жителите од Автокоманда.