Град Скопје продолжува со изградбата на модерна велосипедска инфраструктура во главниот град. Во летниот период се започнати или треба да започнат градежни работи на велосипедски или пешачки патеки со должина од над 5 километри. За овие градежни работи во изминатиов период беа склучени договори со неколку изведувачи на работите во износ од над 14,5 милиони денари.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Станува збор за нова велосипедска инфраструктура на булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од Тутунски комбинат до поранешната фабрика „Стаклара“ со должина од 3.132 метри; улицата „11 Октомври“ од крстосницата кај Тутунски комбинат до крстосницата со булевар „Кочо Рацин“ со должина од 666 метри; булеварот „Крсте Петков Мисирков“ на потегот од булевар „Кузман Јосифовски Питу“ до клучката на Бит-пазар во должина од 1.142 метри и на улицата „Бутелска“ до крстосницата со улица „Душан Поповиќ“ во должина од 310 метри.
Паралелно со овие велосипедски патеки, екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на реконструкција на велосипедските патеки на булевар „8-ми Септември“ од крстосница со булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосница со улицата „Скупи“.