Влегуваат ли македонската влада и „Визер“ во војна? Во ист ден, двете страни објавија различни информации што може да влијаат врз натамошниот развој на авиосообраќајот во земјава. Министерството за транспорт и врски објави дека ја поништило постапката за доделување на финансиска поддршка на авиопревозниците за наредните три години. Истовремено, унгарската авиокомпанија „Визер“ денеска соопшти дека од втората половина на годинава ќе започне да лета кон Меминген, Базел и Дортмунд од приштинскиот аеродром „Адем Јашари“. Со ваквиот потег, „Визер“ од косовската метропола во иднина ќе лета кон пет европски дестинации, вклучувајќи ги Будимпешта и Лондон.
Од надлежното министерство денеска соопштија дека постапката е поништена поради технички пропусти во понудата доставена од „Визер“. „На јавното отворање, Комисијата констатирала дека доставеното барање за доделување на финансиска поддршка не е доставено согласно точка 2.1 од Документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во Документацијата“ велат од Министерството за транспорт и врски.
Поаѓајќи од тоа што не постоеле услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка, Комисијата ја поништила постапката за доделување на тригодишните субвенции. Министерството за транспорт и врски во најкраток можен рок повторно ќе го објави повикот за доделување финансиска помош на авиопревозници. Освен информацијата дека ќе отворат три нови летови од приштинскиот аеродром, од „Визер“ денеска не излегоа со коментар за одлуката донесена од македонската извршна власт.
Јавниот повик за нови тригодишни субвенции беше објавен кон крајот на јуни годинава и на него со доставена понуда се пријави единствено авиокомпанијата „Визер“. Оваа компанија во моментов има најголем удел во превозот на патници од македонските аеродроми, но и даде свој придонес во континуираниот пораст на авиосообраќајот во земјава. Од друга страна, македонската влада во периодот 2018 – 2021 година планира да издвои субвенции за нискобуџетните летови во износ од 312,4 милиони денари, но и да се насочи кон развој на авиосообраќајот од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.