Најавениот тендер за санација на објектите на 13 основни и средни училишта низ општините е поништен од страна на Министерството за образование и наука. Наместо да започне реконструктивниот зафат во текот на летните месеци, проектот ќе се одложи за неколку месеци поради распишувањето на нова тендерска постапка. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со член 210 од Законот“ се наведува во образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.
Проектот беше предвидено да тежи околу 90 милиони денари. Неговата реализација беше промовирана од надлежното министерство уште во април годинава. По неуспешниот тендер, од Министерството за образование и наука ќе треба да објават трет по ред тендер за набавка на градежни работи за најавената реконструкција на 13 – те училишни објекти.
Со овој проект е предвидено да се санираат училишните згради во следниве општини: ОУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, ОУ „Тошо Арсов“ од Штип, ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари, ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, ОУ „Васил Главинов“ од Чаир, ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово, ОУ „Перпарими“ од Чегране, ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел, ОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Бутел, ОУ „Кузман Шапкарев“ од Драчево, ОУ „Никола Карев“ од Пробиштип и ОУ „Јероним Де Рада“ од Черкезе.