Општина Чаир и Градот Скопје имаат изработено план за создавање на минимална мрежа на велосипедски патеки на територијата на оваа скопска општина. Како прва етапа за нивната реализација, денеска беше пуштена во употреба велосипедската патека на улицата „Втора Македонска бригада“. Оваа инвестиција на Град Скопје зафаќа дел од постојниот коловоз на улицата, така што велосипедската патека е обележана и се поставени пластични конуси.
„Со изградбата на овој сегмент, продолжувајќи потоа со другите улици и булевари во Чаир, ќе се овозможи создавање на една главна оска на велосипедски патеки кое ќе го поврзе Чаир со другите делови на градот“ се нагласува во соопштението на Општина Чаир. Локалните власти информираат дека ќе започнат проект за субвенционирање на дел од трошоците за набавка на нови велосипеди за жителите од оваа општина.
Општина Чаир ќе надоместува до 50% од трошоците на првите 50 граѓани кои ќе купат велосипед, но не повеќе од 3.000 денари по човек вклучувајќи ја и вредноста на ДДВ. Проектот ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“.