Над 81 милиони денари е проценето дека ќе се одвојат од државниот буџет за санација на објектите на седум училишта низ Македонија. Министерството за образование и наука денеска го објави тендерот за избор на изведувачи што делумно или целосно ќе ги обноват седумте образовни објекти во општините Демир Капија, Струга, Чаир, Свети Николе, Кочани и Гостивар. Заедно со набавката на градежните работи, во посебна тендерска постапка се врши и избор на стручно технички надзор над претстојната реконструкција. Градежните компании ќе имаат рок до 10 август за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка, по што ќе следува изборот на изведувачите.
Со тековниот тендер е предвидена реконструкција на објектите на ОУ „Димката Ангелов Габерот“ во демиркапиското село Прждево и на ОУ „Јосип Броз Тито“ во струшкото село Радожда, реконструкција на котларата во ОУ „Братство Единство“ во Струга, адаптација на просторот за санитарен јазол со санација на едно крило од објектот на ОУ „Васил Главинов“ во скопски Чаир, комплетна обнова на зградата на СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, замена на старата столарија во СОУ „Ѓошо Викентиев“ во Кочани и реализација на втората фаза од санацијата на СОУ „Гостивар“ во Гостивар.