Граѓаните повторно можат да поднесуваат барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост во Управата за имотно правни работи. Како што информираат од Министерството за финансии, измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост вчера стапија на сила. Со истекувањето на претходниот рок на 15 декември 2014 година, до денес, граѓаните законски не можеа да поднесат барање за приватизација. Крајниот рок за поднесување на барање за приватизација на државно градежно земјиште е 31 декември 2021 година.
Документите кои треба да се приложат кон барањето се: фотокопија од лична карта или пасош, правна основа врз основа на кое е стекнато правото на користење на земјиштето (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен орган) и податоци за земјиштето, односно имотен лист од катастар на недвижности или поседовен лист од катастарот на недвижности. Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Управата за имотно правни работи во општината во која се наоѓа земјиштето.